Културата долго време се третира како ресор кој што само ги троши средствата, а не придонесува за буџетот на државата. Заедно со туризмот, културата ќе стане профитабилна дејност и ќе може да придонесува за економијата во државата. Имаме законска рамка да го фузираме туризмот во културата и до крајот на годината ќе ја имаме точната платформа како ќе се претставиме во 2025 година. Од следната година ќе изработиме Национална стратегија за развој на туризмот, но и за развој на културата, бидејќи од 2022 година немаме нови стратегии, вели во интервју за МИА министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Во врска со припојувањето на туризмот кон Министерството, кој претходно беше под надлежност на Министерството за економија, Љутков појасни дека нови вработувања нема да има, бидејќи вработени во Министерството за економија ќе се префрлат во Министерството за култура.
-Многу е важно после долги години да се прават реорганизации во министерствата врз основа на некакви статистики кои што се спроведувани во изминативе години и нормално некакви потреби. Ние неколку години анализираме што е потребно да се промени во овој важен ресор, а тоа е да придонесува, државата да има економски бенефит од културата. Мислам дека заедно со културниот туризам, бидејќи тој моментално е најразвиен во државата, културата ќе стане профитабилна дејност и ќе може да придонесува за економијата во државата, вели Љутков за МИА.
Секако, напомена, тука постојат многу процеси. Како што најави, ќе почнат да го развиваат културниот, а најмногу транзитниот туризам.
-Ќе го развиваме транзитниот туризам, кој што во моментов ни е најважен. Станува збор за Е-75 автопатот од Србија преку Македонија, до Грција, бидејќи тука имаме и археолошки локалитети, а можеме да го развиваме и винскиот туризам. Тука има и хотели, со оглед на тоа што во близина е велешкото езеро. Мислам дека повеќе на тој дел ќе се фокусираме во овој период, а после 2025 година ќе имаме конкретна програма, додаде Љутков.
Како што посочи, вработени од Министерството за економија ќе се префрлат во Министерството за култура во моментот кога ќе биде завршена новата систематизација на која што се работи, а потоа и Агенцијата за развој и поддршка на туризмот нема да биде орган во состав на Министерството за економија, туку ќе биде орган во состав на Министерството за култура.
Ова, како што рече, ќе биде процес на кој што ќе се работи во наредниот период.
Во интервјуто за МИА Љутков коментирајќи го Конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес во културата, напомена дека вработените во Министерството за култура секогаш професионално си ја вршеле работата и професионално ги изработувале апликациите за програмите.
Според Љутков, критиките за Конкурсот се однесуваат во однос на критериумите и правилата кои што се поставувале во годишните конкурси.
Министерот најави дека ќе воспостават нови правила и критериуми со цел заштита од сите влијанија кои што претходните години биле проблематични.
-Во моментот се работи и мислам дека во текот на месец август ќе бидат готови правилниците за тоа како ќе се конкурира во септември 2024 година, за да ги немаме истите проблеми кои сме ги имале од претходниците. Тоа било од неажурност на министерот за култура, рече Љутков.
Во однос на тоа што ќе се случи со Универзалната сала, министерот Љутков рече дека нема забелешки од извештаите по однос на самата изградба на салата и напомена дека го чека извештајот од првата фаза на градбата, кој би требало да го добие следните денови. Но, како што рече, тој има проблем со процесот како се случувала постапката.
-Кога ќе кажам дека не ставам потпис во понатамошната постапка, тоа значи дека се сомневам во одредени процеси, бидејќи јас нешто во моментот наследувам, а тоа е капитален објект. Прво, немам никакви забелешки од извештаите по однос на изградбата. Изведувачот си ја работи работата како што си ја работи. Беше отворена втората фаза за тендерирање, но ние се уште немавме информации од првата фаза или од пожарот. Во овој период добив информација дека за ден, два ќе го добиеме извештајот и втората фаза ќе може да си продолжи. Но, јас имам проблем со постапката. Тој процес го испитувам. Ако таа не е во ред, тогаш ќе донесеме одлука што ќе се случува во процесот понатаму. Ако постапката не е во ред, тогаш нема јас, туку државата ќе го стопира процесот. Но, како и да е, во овој момент во Универзалната сала се работи по сите правила и прописи, рече Љутков.
Сепак, тој е дециден дека иако Универзалната сала е важна за проектот „Скопје - Европска престолнина на културата 2028”, таа не е единствената институција. Напомена дека Министерството за култура ќе ги вложи сите капацитети во финансирање, но и во модернизирање на сите останати национални установи, кои би можеле да бидат на располагање во 2028 година.
-Постојат и други институции кои што се под надлежност и на Град Скопје и на Министерството за култура и туризам. Ние како партнери на Град Скопје во титулата „Скопје европска престолнина на културата 2028 година“ ќе ги вложиме сите наши капацитети. Не само финансиски капацитети, туку ќе ги вложиме сите просторни услови кои што ги нудиме, а исто така сакаме да вложиме и во модернизирање на сите национални установи за да бидат на располагање во 2028 година, додаде Љутков.
Ако се тече како што треба, ако сите извештаи се во ред и ако буџетски сме како што треба да бидеме од 2025 година натаму, Љутков рече дека до крајот на 2027 година ќе бидат готови со сите проекти кои што ги започнале и во 2028 година ќе бидеме европски домаќини.
Љутков во интервју за МИА информира и дека се готови ревизорските извештаи како и извештајот од Министерството за култура за Агенцијата за филм и истите ќе бидат упатени до надлежните институции. Внатрешната ревизија во Агенцијата за филм беше извршена во текот на април и мај оваа година од Министерството за култура. Љутков неодамна посочи дека оваа Агенција должи некаде околу 11 милиони евра.
-Проблемот настанува кога после 2018 година, буџетот кој што бил некаде околу седум до осум милиони евра на годишно ниво, наеднаш паѓа на околу два и пол милиони евра. Бидејќи тие не можат да се помират со фактот дека власта го намалува буџетот, си продолжуваат со еден процес кој се вели вака: „на необезбедени средства во текот на наредната година, вие склучувате договори на двојно повеќе“. Ова значи, ако имате договор на два и пол милиони евра за следната година, вие склучувате договори на речиси пет милиони евра и тие ги провлекувате во текот на годините, вели Љутков за МИА.
Тој напомена дека сега се наоѓаат во ситуација кога четири филма кои што имаат склучено договори, имаат обезбедно услови и имаат законски рок од пет години да го реализираат филмот, а во оваа година им истекува законскиот рок.
Министерот најави и дека в петок ќе оствари средба со официјалните лица од Друштвото на филмски работници (ДФРМ), но тоа, како што рече, не може да донесе некакви промени.
Во однос на Законот за употреба на македонски јазик, Љутков потсети дека истиот помина во Собранието и на следната владина седница ќе се назначи нов директор на Инспекторатот за примена на македонскиот стандарден јазик, а подоцна ќе следат и вработувањата.
-Законот за употреба на македонски јазик во 2020 година имаше една несреќна јавна дебата. Ние како опозиција, со сите капацитети кои што ги имавме го стопиравме донесувањето на тој Закон бидејќи воопшто не беше направен според стандардите како што треба да биде донесен еден закон. Потоа, тој стоеше три години заглавен во собраниските лавиринти. Подоцна, поднесовме амандмани кои што беа прифатени и од Министерството за култура и од тогашната позиција. Заеднички го донесовме тој закон во 2024 година, кој што предвидува формирање на Инспекторат, рече Љутков.
Тој објасни дека Законот е добар, бидејќи неговото спроведување е во надлежност на сите засегнати субјекти на законодавната, судската, извршната власт и на единиците на локалната самоуправа.
-Ќе биде малку тешко на почеток, но се надевам дека ќе успееме во овој процес, бидејќи еве скоро месец дена сме на позиција, во најбрз можен рок ќе го поминеме на седница на Влада, додаде министерот за култура и туризам.
Прашан за тоа како ќе се справи со дивоградбите во Охрид, знаејќи дека станува збор за проблем кој што постои подолг период, Љутков одговори дека ова е проблем кој што ќе се решава со сите засегнати страни.
-Не е Министерството за култура надлежно во овие процеси. Министерот за култура е претседател на Националната комисија за УНЕСКО. На утрешната седница на Влада ќе биде назначена новата национална комисија за УНЕСКО, која содржи многу професионалци во областа и ги содржи предлозите на сите релевантни институции. Тука се вклучени Министерството за транспорт и врски, но и локалните единици што значи дека во целиот овој процес заеднички мора да се договориме кои ќе бидат приоритетите. Не може само еден да ги носи одлуките, појасни Љутков во интервјуто за МИА, кое го снимавме вчера.
Како што рече, фокусот ќе му биде да ги обедини сите овие институции, да направи работно тело кое што на крајот ќе донесе заклучок како да се справат со сите овие проблеми.
-Тоа што до сега не е постигнато, е затоа што немало комуникација меѓу засегнатите страни, рече Љутков.
Во однос на идните активности, Љутков најави дека ќе треба да се донесат многу нови законски измени со цел да се спроведат реформите кои што следуваат во 2025 година.
-Генерално, ќе мора да се посветиме на многу процеси. Ќе продолжиме со новиот Предлог закон за култура. Тука имаме и нов Предлог на закони во заштита на културното наследство. Ќе мора да се донесат многу законски измени и нови закони за да можеме да ги спроведеме реформите кои што ќе следуваат во 2025 година. Главен приоритет како „круна“ која што ќе ни го означи мандатот, ќе биде „Скопје европска престолнина на културата во 2028 година“, појасни Љутков.
Бисера Трајковска