Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска оствари работна средба со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Ренo Басо, на која заедно со тимовите на Народната банка и на ЕБОР го истакнаа значењето на долгогодишната успешна соработка и партнерство помеѓу двете институции. На средбата, како што соопшти Народната банка, беше разговарано за повеќе актуелни прашања, при што тимот на Народната банка ги претстави согледувањата за макроекономските остварувања, економските движења, инфлациските и девизните состојби и состојбите во банкарскиот сектор.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска оцени дека инфлацијата во домашната економија е значително намалена, девизните резерви се зголемени и на солидно ниво, а финансиската стабилност е зајакната. Според неа, насоката на монетарната политика во наредниот период ќе зависи од динамиката на инфлацијата и забавувањето на инфлациските притисоци на потрајна основа, како и од состојбите на девизниот пазар.

-Трендовите кај инфлацијата се поволни, a поволни се и движењата на девизниот пазар, каде што од почетокот на годината интервенираме со нето-откуп на девизи. Годишната стапка на инфлација во јуни позначително забави, пред сѐ во делот на прехранбената и базичната компонента и се сведе на 3,2%. За оваа година, според пролетните проекции, просечната годишна стапка на инфлацијата би се свела на 3,5 проценти, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Таа оцени дека економијата во земјава полека закрепнува, а банкарскиот систем е стабилен, добро капитализиран и може да обезбеди понатамошна поддршка на економијата.

-Макропрудентните мерки на Народната банка ја зајакнаа капиталната сила на банките, што е од суштинско значење за задржувањето на стабилноста на банкарскиот систем при соочување со евентуални ризици. Во целиот изминат период расте поддршката за граѓаните и фирмите, при што во мај стапката на раст на кредитите изнесува 6,8%, со раст на кредитите на домаќинствата од 7,3%, а на фирмите од 6,5%, рече Ангеловска-Бежоска.

На средбата, гувернерката беше придружувана од вицегувернерката Емилија Нацевска и од генералната директорка на Секторот за супервизија Викторија Глигорова, а од страна на ЕБОР присуствуваа Томас Ревијал, директор на Кабинетот на претседателката на ЕБОР, Шарлот Руе, извршна директорка за Централна и Југоисточна Европа, Олег Левитин, задолжен за политички прашања, Фатих Туркменоглу, шеф на Канцеларијата на ЕБОР во Македонија и Наум Рибароски, самостоен банкар од Канцеларијата на ЕБОР во Скопје



Автор: Администратор
Објавено на: 26/07/2024 13:50