Никол Кидман во интервју за „Лос Анџелес тајмс“ се присети на снимањето на „Очи широко затворени“ којшто излезе во јули 1999 година. Таа пред повеќе од 25 години го сними тој филм со нејзиниот поранешен сопруг Том Круз, па го откри своето мнение дека режисерот Стенли Кјубрик можеби „го саботирал“ нивниот брак поради подигрувањето со нивните ликови.
- Претпоставувам дека го саботираше. Поставуваше многу прашања. Но, имаше силно чувство за приказната што ја раскажуваше. Се сеќавам, еднаш рече: „Триаголниците се тешки. Мора да бидете внимателни кога се работи за љубовен триаголник". Затоа што еден човек може да се чувствува нападнат од друг, но тој беше свесен за тоа и знаеше како „да управува“ со нас, рече глумицата која се движи кон залезот на шестото десетлетие од својот живот.
Таа исто така открива оти со Том живееле во приколка за време на снимањето, иако нивниот дом бил на 10 минути од местото.
- Престојувавме во приколка бидејќи Стенли ни рече: „Не може секој да има свој дом. Не може да си го дозволиме тоа“, раскажува Кидман.
„Очи широко затворени“ е психолошка драма за угледниот американски лекар Вилијам (Круз), кој живее во Њујорк со сопругата Алис (Кидман) и ќерка им Хелена. Откако неговата жена му открива дека некогаш размислувала за прељуба, Вилијам влегува во таен секс-култ... Снимањето на филмот траело петнаесет месеци бидејќи Кјубрик бил перфекционист и сакал сите сцени да бидат совршени. Според „ЛАД бајбл“ (LADbible), Кидман и Круз морале да повторат некои сцени и по 50 пати.
Тие двајца се венчаа на Божиќ, 1990 година, откако се запознаа на снимањето на „Денови на громот“ една година порано. Беа в брак над 10 години и имаат две посвоени деца - Изабела Џејн и Конор Ентони. Се разведоа во 2001 година, а потоа Кидман, во 2006. се омажи за Кит Урбан. Истата година, Том се ожени со Кејти Холмс, со која беше в брак до 2012 година