„Илинденските денови“ во Битола со години се мост на автентично поврзување на вековната традиција со денешницата, огледало на мултикултурна разновидност, поттик и инспирација за младите кон традиционалните културни вредности, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Како што информира Министерството за култура, Љутков синоќа на свеченото отворање на 54. Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ на платото пред Офицерскиот дом во Битола, истакна дека посетата на уметниците од повеќе земји од светот само потврдува дека во пресрет на Илинден, Битола е главниот град на културната разновидност, од која до светот се испраќаат искрените пораки за заедништво и културен натпревар меѓу народите.

- Деновиве цела Битола е една огромна сцена, празнична, колоритна и дотерана, во која еднакво бликаат надежта од ʼкомитскотоʻ и драматиката на ʼтешкотоʻ оро, во слава на македонскиот идентитет, историја и култура, а седумосминскиот такт татни во слава на различностите од целиот свет, кои нè обединуваат, поврзуваат и зближуваат, истакна Љутков.

Од име на Министерството за култура и туризам и лично, министерот Љутков изрази уверување дека во годините пред нас значително ќе се зголеми финансиската поддршка за фолклорните ансамбли во градовите низ државава и ќе се обезбедат средства за нивно успешно функционирање и промоција.

Придружната програма на 54. Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ почна на 19 јули, а на официјалното отворање се одржа традиционалното фолклорно дефиле низ Широк сокак. На вечерта посветена на традиционалната музика и игра, КУД „Илинден“ од Битола го изведе орото „Комитско“.

Се одржа и Саем на книги инспирирани од македонската традиција и култура и промоција на македонски автори, а, меѓу другото, свечено беше отворена и петтата конференција:„Етномузикологијата и етнокореологијата и практикувањето на фолклорот на Балканот“.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/07/2024 13:46