Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ планира ребалансот на Буџетот за 2024-та година да го донесе во втората недела од август, по што, како што вели пратеникот Бојан Стојановски, ќе започне консолидацијата на затегнатите состојби.

Тој посочи дека ребалансот се прави на Буџет донесен од страна на СДСМ и ДУИ, од кој, како што рече, предизборно се испумпани милиони евра, а граѓаните се целосно заборавени.

– Новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ за краток период успеа да направи ребаланс на Буџетот и да обезбеди средства за реализација на клучни предизборни ветувања. Предвидени се 100 милиони евра за бројни капитални инвестиции во секоја општина во Македонија. Идната година овој износ ќе го дуплираме. За пензионерите испорачуваме 2500 денари повисока пензија секој месец почнувајќи од септември. Веќе од март 2025-та предвидуваме дополнителни 2500 денари со што го реализираме ветувањето за 5000 денари повисока пензија за оние кои ја изградија државата, рече Стојановски.

Тој нагласи дека медицинскиот кадар мора да се задржиме дома.

- Токму затоа на младите специјализанти кои се иднината на нашето здравство им го решаваме работниот статус и 600 луѓе ќе добијат вработување со достоинствени примања. Ја прошируваме позитивната листа на лекови. Во текот на следниот период ќе се направат последните анализи и за многу брзо ќе имаме современа и побројна позитивна листа на лекови за македонските граѓани, потенцира Стојановски.

Тој истакна дека ова е само мал, но значаен дел од реформите кои претстојат во следниот период.

- Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со засилен интензитет и во следниот период да ги испорачува предизборни ветувања со цел подобрување на условите за живот на сите категории граѓани, рече Стојановски.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/07/2024 16:29