Ликот на Коста Солев Рацин, неговите рефлексии во сите нас, автентичната негова емоција, е обидот што пред публиката на „Охридско лето“ ќе се потруди да ја долови актерската екипа на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес на вечерашната премиера на претставата „Рацин“.

- Рацин е веќе дел од нашата митологија, тој е дел од ДНК-та на секој од нас. Многу се радуваме што создавајќи го тој современ јазик во една театарска лабоараторија успеавме да ја пронајдеме неговата емоција со нови изразни средства...Логички беше претставата за Рацин да ја создадеме токму во Велес, мислам дека тоа е вистинското место каде се уште улиците ги паметат неговите чекори, неговите воздишки по Раца...Тоа е градот каде просто беше неизбежно да се случи „Рацин“, местото каде случувањата ни ја враќаат вербата и љубовта во оваа наша професија, рече режисерот на театарската претстава, Дејан Пројковски на денешната прес-конференција свикана по повод вечерашната премиера.

Драматургот на поставката, директорот на Велешкиот театар Сашо Димоски, го оцени како исклучително возбудлив обидот да се сврти ракавицата, рациновиот збор, стих и неговото историско значење преку театарски израз да фрли нова светлина врз она што е повеќе или помалку познато за него.

- Драматургијата за претставата е кроена според прозата и поезијата на Рацин од една страна, и според метатекстуалните записи што постојат во самиот опус на Рацин. За мене беше најголемиот предизвик беше да се транспонира поезијата во драма, бидејќи поетскиот дискурс сам пос ебен подразбира нешто сосема друго, тој не е наменет за сценска изведба... Истиот да се претвори во жива реплика, во говорна реч беше предизвикот... рече меѓу другото Димоски, кој најави дека вечерашната претстава открива и ќе понуди работи за Рацин што досега не се познати кај аудиториумот.

Актерот Васил Зафирчев од своја страна посочи дека Рацин не само што е најзначајните симболи преку кој многу други луѓе се идентификуваат со градот Велес, туку и духовна перјаница и една од највисоките национални вредности што ги има овој народ и држава...Од друга страна, како што рече, Рацин има и неверојатно универзална вредност оттаму што преку неговата социјална и љубовна поезија тој допира до многу нации, до многу народи надека во светот бидејќи третира теми актуелни до ден денеска...

Тој посочи дека претставата дава многу јасна слика и за Рацин, но и за времето во кое живее, кога луѓето лесно преминуваат од една на друга страна, како од пријатели, симпатизери поддржувачи стануваат негови непријатели.

- Она што ние во овој проект се обидовме е да направиме своеврсна демитологизација на Рацин, бидејќи неговиот лик е обвиткан со многу мистерии, со многу неразјаснети апсекти, од неговиот личен живот до неговото творештво, начинот на кој неговиот збор добива некаков јавен пласман... Се обидовме да го третираме Рацин како човек од крв и месо кој има своја земја, затоа што многу од случките врзани за животот и делото на Рацин, повеќето од нив производ на неговиот еродитен карактер, на неговата судбина, на луѓето и времето во кое живее, рече тој

Бројната актерска екипа уште ја сочинуваат Исидор Јованоски, Кети Борисовска, Весна Димитровска-Бобевски, Јордан Витанов, Слободанка Чичевска, Талија Настова, Благојчо Стојанов, Славица Манаскова, Орхидеја Дукова, Кристина Зафирова, Илин Јовановски, Леонида Гулевска, Тодор Стојковски, Бранко Михајлоски и Илина Чонкова.

Претставата ќе се игра на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток од 21 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/07/2024 16:32