Музичката програма на „Охридско лето“ за вечерва на понудата го има концертот на Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, со уметниците Симеон Гошев на виолина и Енис Аљи на виолончело.

Камерниот оркестар на МММ постои 38 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година. Повеќе од 400 млади музичари биле дел од овој уникатен состав, а диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле: Ф. Муратовски, Г. Коруновски, С. Николовски-Ѓумар, В. Николовски-Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, А. Ремерајт, Б. Чадловска, О. Кондратенко, Миша Кац, Џанлука Мартиненги, Елена Митревска. Како признание за постигнатите резултати, во 1995 оркестарот беше поканет и одржа концерт во Будимпешта по повод 50-годишнината од основањето на Светската федерација на музичка младина. Оркестарот има остварено повеќе од сто концерти добивајќи голем број позитивни критики и признанија, а на неговиот репертоар покрај делата од светската класика свое место наоѓаат и делата на современите македонски композитори.

Веќе 38 години завршниот концерт на летната сесија на оркестарот е дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, а во последните години и на фестивалите „Скопско лето“ и „Битолско лето“.

Од 2018 година оркестарот го носи името на македонскиот диригент Саша Николовски-Ѓумар.

Вечерашниот концерт ќе се одржи под диригентската управа на Иван Еминовиќ.

Роден во Скопје, Еминовиќ музика започнал да учи на шест годишна возраст, на одделот по пијано во нижото музичко училиште, а потоа и средно образование во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. На ФМУ во Скопје се запишува на одделот за оркестарско диригирање во класата на проф. Саша Николовски – Ѓумар. Во 2010 година дипломира со концерт во чест на проф. Коста Трпков, истовремено здобивајќи се со наградата на фондацијата „Томислав Зографски“ како најдобар студент на одделите за диригирање, композиција, музикологија и музичка теорија и педагогија. Во 2012 година магистрира со почести на истиот оддел, со операта „Рита“ од Гаетано Доницети. Како пијанист одржал бројни концерти низ Македонија и странство и добитник е на повеќе државни и меѓународни награди и признанија. Во јули 2018 година диригира со Сараевската филхармонија по повод отворањето на фестивалот „Башчаршиски ноќи“ во Сараево. Во неговото диригентско портфолио се вбројуваат повеќе продукции на Националната опера и балет меѓу кои: „Травијата“, „Набуко“, „Дамата со камелии“, „Кармина Бурана“, „Севилски бербер“, „Кавалерија Рустикана“, „Жизел“, „Риголето“, „Евгениј Онегин“, „Адриана Лекуврер“, „Дон Џовани“, „Турандот“, „Реквием“ од Моцарт, како и многу други концерти.

За концертот е резервирана котедралната црква „Света Софија“ од 21 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/07/2024 16:37