И покрај тоа што земјите од таканаречената група Квинта и НАТО не поддржуваат никаква промена на сегашниот статус на мостот на реката Ибар, кој ги поврзува двата дела на поделениот косовски град Митровица - јужниот населен со мнозинство Албанци и северниот со мнозинство Срби, косовскиот премиер Албин Курти инсистира мостот да се отвори, освен за пешаци, како што е моментно, и за сообраќај на возила, јави дописникот на МИА од Приштина.

По средбата со амбасадорите на групата Квинта, која ја сочинуваат Соединетите Американски Држави, Франција, Германија, Италија и Велика Британија, Курти порача дека слободата на движење и владеењето на правото не ги загрозуваат мирот и безбедноста во државата.

- Консултациите и координациите продолжуваат. Како што е наведено во планот на ЕУ за ревитализација на мостот, мостот во Митровица ќе стане симбол на нормализацијата на односите во Косово. Во истиот план се наведува дека „неговата ревитализација во голема мера ќе придонесе за олеснување на контактите меѓу сите граѓани на северна и јужна Митровица и со тоа ќе придонесе за размена и разбирање“. Значи, мостот мора да се отвори. Тоа е во корист на сите, и не е против никого. Слободата на движење и владеењето на правото не ги загрозуваат мирот и безбедноста, напротив, се наведува во соопштението на владината служба за информирање.

Курти пред западните дипломати го претставил планот на Владата за отворање на мостот на Ибар, кој според него „предвидува тестови за инфраструктурната стабилност на мостот, проценка на ризиците од природни катастрофи, визуелна ревитализација на мостот со пристап до него за сите, дискусии со граѓани и интересни групи, како и сеопфатна информативна кампања за придобивките и целите од отворањето на мостот“.

Косовскиот премиер додал дека Владата е посветена на слободното движење, а мостот на Ибар е негов симбол.

- Мостот е симбол на слободното движење, што е темелна вредност и слобода на Европската Унија. Мостот е симбол на интеграцијата, што е заедничка работа на Косово со нашите партнери, рече Курти според соопштението од неговиот кабинет.

Амбасадорот на САД во Приштина, Џефри Ховениер, изјави денеска дека земјите од Квинта, во консултација со НАТО во моментов не поддржуваат никаква промена на сегашниот статус на мостот на реката Ибар.

- Ние, претставниците на Франција, Германија, Италија, Велика Британија, САД, заедно со амбасадорот на ЕУ, се сретнавме со премиерот Курти за да го информираме дека нашите влади во консултација со НАТО не можат да поддржат каква било промена на сегашниот статус на мостот во Митровица во моментов, рече Ховениер.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/08/2024 18:31