Во Србија неделава продолжуваат протестите против отворањето на рудници за литиум во организација на еколошки здруженија. Вечер ќе се одржат во пет градови, а до крајот на неделата во најмалку 18 други градови низ Србија. Централниот протест ќе се одржи во Белград, сабота на 10 август, јави дописникот на МИА од Белград.
На сите собири од Владата ќе се бара да донесе закон за трајна забрана за геолошки истражувања и експлоатација на литиум и бор во Србија.
Рокот за донесување на тој закон кој еколошките здруженија им го одреди на властите е 10 август.
Владата во Србија планира во околината на Лозница, на југозападниот дел на земјата покрај реката Дрина да одобри ископ на литиум на странската компанија Рио Тинто, тврдејќи дека тоа ќе биде голема можност за развој на земјата бидејќи, покрај наплатата на рудна рента, ќе се овозможи и отворање на фабрика за литиумски батерии што е многу важно од гледна точка на производство на електрични автомобили.
Протести вечер ќе се одржат во Рача, Смедерево, Рековац, Бор и Бресница, додека утре граѓаните ќе протестираат во Инџија, Книќ и Сремска Митровица.
Неделава граѓаните ќе протестираат во Нови Сад, Обреновац, Горњи Милановац, Суботица, Смедеревска Паланка, Крушевац, Чачак, Ниш, Врање, Лазаревац и Владимирци.
Централниот собир на еколошките здруженија против ископувањето на литиум е планиран за 10 август на плоштадот Теразије во Белград.
Во врска со протестот денеска се огласија и политички партии, па така претседателот на опозициската Нова демократска партија на Србија (Нови ДСС) Милош Јовановиќ изјави дека ќе дојде на протестот против ископувањето литиум на 10 август во Белград и дека ќе ги покани и граѓаните да го сторат тоа.
Тој порача дека манифестацијата на незадоволство „поради севкупниот колапс и понижување“ ќе почне дури наесен, и дека постои соработка меѓу опозициските партии.