Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, денеска во врска со апсењето на петмина Срби и затворањето на филијалите на Пошта Србија на Косово изјави дека е многу загрижен за судбината на луѓето на Косово и Метохија и дека е незадоволен од реакцијата на меѓународната заедница, јави дописникот на МИА од Белград.

-Многу сум загрижен за судбината на луѓето во Косово и Метохија, незадоволен сум од реакцијата на меѓународната заедница, бидејќи мислам дека добар дел од нив премолчено му дозволуваат на Албин Курти да го прави тоа што го прави, бидејќи ако не дозволуваат, би го санкционирале, изјави Вучевиќ за новинарите во рудникот Ресавица.

Тој рече дека пред два дена пет Срби во Поморавље (Косово) се уапсени и дека „сега се сетиле дека овие луѓе извршиле наводни злосторства во 1999 година“.

-Тие го гаѓаат секое наше семејство. Курти ни забрани храна, лекови, ни одзеде бензински пумпи, дел од електроенергетскиот систем, напаѓаше здравствени домови и амбуланти. Сега ја забрани и поштата, а претходно Поштенската штедилница. Само останаа уште училиштата и градинките А потоа, очигледно, ќе завладее ред и поредок на тоа што го нарекуваат Косово, а ние велиме покраината Косово и Метохија, рече Вучевиќ.

Тој додаде дека целта на целосното беззаконие и терор врз Србите е Косово и Метохија е да биде целосно етничко исчистено од нив.

-Тие сакаат Србите да останат во енклави, како во резервати. Претпоставувам дека некој од меѓународната заедница ќе се разбуди. Имаме можност само политички да реагираме, се друго не води кон конфликти и војна. Курти го сака тоа, бидејќи знае дека нема да војуваме против него, туку против НАТО. Тоа е неговата цел и очигледно има поддршка од дел од меѓународната заедница, за срам на цела Европа, рече Вучевиќ.

Тој додаде дека поштата е дел од договорот од 2013 и 2015 година, од Брисел.

-Тоа е фестивал на демократијата и човековите права. За сите, освен за Србите. Кога станува збор за Србите, тогаш нема неповредливост на границите и нема договори кои се прифатени. Се надевам дека ќе имаме политичка мудрост и сила да го зачуваме нашиот напатен народ на Косово и Метохија, заклучи премиерот Милош Вучевиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/08/2024 04:25