Меѓународните мировни сили (КФОР) денеска ја повторија својата определба дека одлуката за отворање на главниот мост на Ибар, меѓу северна и јужна Митровица, треба да биде донесена во рамките на дијалогот, со посредство на Европската унија.

Тие посочија дека нивните единици имаат постојано присуство на мостот и ќе продолжат да вршат редовни патроли во околните области, за да обезбедат стабилност и безбедност и дека нема да се двоумат да одговорат на какви било случувања што може да влијае на безбедносната средина.

Во соопштението се вели дека „утрово командантот на КФОР, генерал-мајор Озкан Улуташ бил информиран од директорот на косовската полиција за техничкиот преглед на главниот мост на реката Ибар, во Митровица, кој ќе се изврши наскоро“.

„Нема да се двоумиме да се соочиме со каков било развој што може да влијае на безбедносната средина и регионалната стабилност, целосно почитувајќи го нашиот мандат што произлегува од ОН“, се вели во соопштението на КФОР.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, при денешната посета на Митровица изјави дека мостот ќе биде отворен за сообраќај на моторни возила, но дека точното време кога тоа ќе се направи е „прашање на стручна проценка“.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/08/2024 04:37