Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, коментирајќи ги актуелните настани на Косово изјави дека „Албин Курти провоцира затоа што времето му истекува“ и дека сака да предизвика конфликти пред американските избори, јави дописникот на МИА од Белград.

-Тој сака да не се дочека каква било сериозна промена во Белата куќа, и пред тоа да се обиде да не сврти против НАТО или обратно. Тој е нервозен. На нашите луѓе во Косово и Метохија им е тешко, но неговата политичка позиција не е толку едноставна како, на пример, пред две или една година. Мораме да бидеме рационални, сериозни, цврсти во нашата определба да го заштитиме Косово и Метохија во рамки на нашите граници. Знам дека на нашиот народ му е тешко, но ова не е резултат на политика, туку на насилство, рече Вучиќ и потсети на фактот дека Приштина ги крши договорите.

Како што кажа, се надева дека утре КФОР соодветно ќе реагира.

- Се надевам дека нема да не доведат во ситуација да треба да реагираме, но понекогаш некој ве става во позиција од која не можете да излезете. Верувам дека се уште не сме доведени во таа позиција, рече српскиот претседател.

Одговарајќи на прашањето „како го коментира тоа што вчера на прославата на „Олуја“ во Хрватска се слушаа усташки песни и поздрави, како и прелетувањето на борбените авиони Рафал“, Вучиќ рече дека тоа не е ниту изненадувачки ниту нешто ново.

-Ќе мораме да изградиме подобри односи со Хрватите во иднина, колку побрзо седнеме и разговараме, толку подобро. Дали тоа ќе биде лесен и едноставен процес? Нема да биде. А дали ќе им се извиниме за злосторствата во Јасеновац или ќе молчиме за тоа прашање - и тоа нема да го сториме, рече Вучиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/08/2024 05:02