Министерот за одбрана Пиро Венгу при посетата на воздухопловната база Кучово најави дека беспилотните летала „Бајрактар“ се подготвени да бидат вклучени за итни случаи, односно во актуелната состојба со пожарите, кои беснеат низ целата земја.

-По успешното тестирање за ноќни мисии, беспилотните летала „Бајрактар“ ќе бидат ставени во функцијата на следење 24 часа на ден, седум дена во неделата, како важен елемент за поддршка на локалните власти, во борбата против пожарите, изјави министерот, јавија медиумите.

Придружуван од командантот на воздухопловните сили, бригадниот генерал Фердинанд Димо, тој изврши увид во воздухопловната база Кучово и единицата за беспилотни летала, која веќе е пополнета со квалификуван персонал.

Резултатите од снимките од беспилотните летала ќе бидат клучни и за поддршка на општините во процесот на идентификување на штетата предизвикана од пожарите.

Минатата недела беспилотните летала за првпат извршија тренажни летови во ноќните часови од воздухопловната база Кучова со помош на системот за термичка слика и опрема за ноќно гледање.

-Операторите на беспилотни летала Бајрактар ги тестираа своите маневрирачки вештини во ноќни услови, за да ја зголемат подготвеноста на оваа единица на нашите вооружени сили, објави Министерството за одбрана.

Трите турски беспилотни летала во Албанија беа испорачани на почетокот на март годинава.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/08/2024 22:10