Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља информира денеска дека е продолжен до 23 август рокот за промена на возачките дозволи издадени од структури на Србија во северно Косово со косовски возачки дозволи, јави дописникот на МИА од Приштина.

Првичниот рок за поднесување барања за промена на дозволите со одредени олеснувања, како што е неподлегнување на возачки испит, истекува утре, но одлучено е тој да се продолжи за уште две недели поради, како што рече Свечља, големиот број барања на граѓани од северните општини.

„Ги земав предвид барањата на граѓаните, а во овој случај рокот за промена ќе се продолжи до 23 август 2024 година. По овој датум, кон сите оние кои нема да ги заменат своите возачки дозволи ќе се постапува согласно соодветниот закон кој е во сила“, рече Свечља.

Косовското Министерство за внатрешни работи одлучи на почетокот на мај да ја овозможи преминување од српски возачки дозволи издадени на граѓаните на Косово, кои за властите во Приштина се незаконски, на косовски возачки дозволи.

Одлуката стапи во сила на 9 мај, а ќе важи, според новата одлука, до 23 август. По истекот на овој рок, како што е најавено, повеќе нема да може да се вози во Косово со српски дозволи кои беа издадени за граѓаните на Косово.

Од косовската полиција информираат дека вклучително вчерачниот ден, 7 мај, барање за промена на возачките дозволи поднеле вкупно 5.588 српски граѓани.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/08/2024 15:40