Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека власта во Србија нема да се менува на улица и со насилство, туку на избори и дека хајката за литиум започнала со цел негово соборување и на власта во Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

-Во Србија власта ќе се избира на избори. Тоа што некои си замислуваат дека нешто ќе сменат со насилство нема да промени ништо. Што се однесува до мене, ја да бегам и да одам на друго место не ми паѓа на памет, изјави Вучиќ доцна синоќа во видео обараќањето преку Фејсбук.

Тој на загрижените, а кои му испратија пораки по заканите дека ќе го протераат преку Дрина, им порача дека Србија му е се и дека живее за државата.

-Сите овие години живеев за решавање на секој проблем во Србија. Се борев за секоја победа во спортот, културата, пред се во економијата, но и во политиката. Тоа што некои си замислуваат дека нешто ќе променат со насилство, не менува ништо и не мислам да одам никаде на друго место, Србија е место каде што се родив, која се ми даде, за која се дадов, и место каде ќе умрам. Ќе се борам до крај за пристојна и модерна Србија, рече Вучиќ.

Тој исто така кажа дека нема да има никаков вид рударење најмалку две години, но дека хајката за литиум е започната бидејќи целта е тој да се собори и владата во Србија, како и дека тој секогаш ќе биде на страна на народот и дека никогаш нема да дозволи ниту едно детето да се разболи.

Вучиќ праша дали луѓето навистина веруваат дека ја сакаат Србија повеќе од него и дека тој би сакал да ја отруе Србија, а тие да ја заштитат од него.

-Денес, заштитата на животната средина стана главна тема. И сите се ужасно загрижени, бидејќи некој друг донесе десетици фабрики во окружните центри и општинските центри, вработуваше луѓе, се бореше и работеше за луѓето сите овие години, рече Вучиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/08/2024 20:38