Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, и Главниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, предупредија денеска дека насилството на улиците на Белград нема да се толерира и ги повикаа учесниците на најавен протест за 10 август своето право на мирно собирање да го искористат во согласност со Уставот и законите на Република Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

„Мирното собирање, согласно законот, е слободно, но насилството, загрозувањето на безбедноста на луѓето и имотот и безбедноста на Република Србија не е дозволено“, се наведува во соопштението на МВР и министерот Ивица Дачиќ.

Во него се додава дека МВР е одговорно за безбедноста на сите граѓани и за зачувување на јавниот ред и мир, и да секој што ќе го прекрши законот ќе биде санкциониран и кривично гонет.

„Нема да се дозволи насилство на белградските улици, како и напади врз државните институции, странски дипломатско-конзуларни претставништва и припадниците на МВР. Уште еднаш ги повикуваме сите учесници на протестот да ги почитуваат законите, јавниот ред и мир. Во согласност со член 52 од Законот за полиција на Република Србија, полициските службеници на МВР ќе ги снимаат и фотографираат учесниците на овој јавен собир“, изјави министерот Дачиќ.

Предупредување дека насилството на улиците на главниот град нема да се толерира упати и Главниот обвинител на Вишото јавно обвинителство (ВЈТ) во Белград, Ненад Стефановиќ.

„Секој има право на мирно собирање, но насилството на територијата на Белград нема да се толерира и секој што ќе посегне по него ќе биде кривично гонет во согласност со законот“, изјави Стефановиќ, соопштија од ВЈТ.

Тој апелираше до учесниците на најавениот протест да го почитуваат јавниот ред и мир, како и да не прибегнуваат кон било каков вид на насилничко однесување.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/08/2024 21:20