Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ утринава изјави дека Министерството за внатрешни работи во согласност со законите на Република Србија и нејзините законски овластувања овозможило непречен развој на железничкиот сообраќај. По повод протестите и блокадите во Белград, за денеска обраќање пред јавноста најави претседателот Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белград.
- Со интервенција на полицијата во 5:30 часот, со строго почитување на полициските овластувања, овозможено е непречено одвивање на железничкиот сообраќај, со што се создадоа услови за нормално функционирање на општествениот живот во интерес на сите граѓани. Полицијата ќе поднесе кривични пријави против сите сторители на кривични дела за прекин на меѓународниот јавен сообраќај и загрозување на безбедноста на граѓаните, се наведува во писмената изјава на Дачиќ.
Според опозициската пратеничка од ССП Мариника Тепиќ, во раните утрински часови, околу 5.30 полицијата ги опколила граѓаните што ја блокираа главната железничка станица „Прокоп“ и ги „исфрлила“, притоа апсејќи најмалку тројца активисти кои не сакале да ја напуштат станицата.
Учесниците на протестот против најавата за ископ на литиум синоќа ги блокираа железничките станици „Прокоп“ и Нов Белград, и останаа таму во текот на ноќта.
Организаторите претходно најавија дека нивно барање е да се донесе закон за трајна забрана за ископ на литиум и бор во Србија, а еден од нив, претседателот на здружението „Не го даваме Јадар“, Златко Кокановиќ, во саботата навечер изјави дека блокадите ќе траат додека не се исполни тоа барање.
Во Претседателството на Србија синоќа беше одржан состанок, по што беше најавено дека во 11 часот на граѓаните ќе им се обрати претседателот на Србија Александар Вучиќ во врска со протестот и преземањето понатамошни чекори.
Синоќа на „Теразије“ во Белград околу 40.000 луѓе протестираа под слоганот „Нема да има рудници“.