Српскиот претседател Александар Вучиќ, во обраќањето пред јавноста по повод протестите и блокадите во Белград против рударењето на литиум во Србија, оцени дека протестот на „Теразије“ поминал во демократска атмосфера, но не и блокадите на двете главни железнички станици оценувајќи ги како насилство, и најави дека ќе оди да разговара со народот низ Србија за експлоатацијата на литиум, јави дописникиот на МИА од Белград.
- Самиот собир помина во демократска атмосфера, што е многу важно за нашата земја, се беше како што треба во демократските земји. Меѓутоа, како што заврши собирот, се случија работи што ги очекувавме затоа што секој ден кога се заканувате има ситуација кога преовладува насилство, а тоа е извршување на тешки кривични дела. Заземањето на меѓународната железничка станица 'Прокоп', станицата во Нов Белград, запирањето на автопатот и работата на самиот мост 'Газела' не беа придонес за демократијата, туку исмејување на демократијата како политички режим и спроведување насилство и терор врз малцинството, изјави Вучиќ.
Тој за протестот за експлоатација на литиум и компанијата „Рио Тинто“ посочи дека целта е уништување на српското стопанство и дека запирање на економијата не е решение, туку разговор на кој, тие што сега протестираат не сакале да дојдат. Притоа, порача дека ќе оди да разговара со народот.
- Ќе разговараме со народот. Ќе одам во Лозница и Крупањ, ќе одам на секое место. И нема да правам големи митинзи за да ви покажам колку луѓе можам да соберам. Ќе одам да разговарам со оние што мислат поинаку, со обичните луѓе, да зборувам за нивниот страв. Дали луѓето во Србија мислат дека сум глупав и луд дека ќе направам нешто против мојата земја и мојот народ?, праша Вучиќ.
Тој додаде дека полициската интервенција била извршена без употреба на сила.
Министерот Ивица Дачиќ, кој заедно со Вучиќ се обрати на јавноста, рече дека МВР создало услови за функционирање на железничкиот сообраќај без употреба на сила и дека нема повредени.
Тој кажа и дека се приведени 14 лица, како и два странски државјани, против кои ќе бидат поднесени кривични и прекршочни пријави.