Вицепремиерот на Србија, Александар Вулин денеска на откривањето на споменикот на југословенските партизани во Москва изјави дека Србите и Русите сами ја избориле својата слобода во Втората светска војна и дека им донеле слобода на другите народи, но тие народи никогаш не им опростиле што се ослободени од нацизмот, јави дописникот на МИА од Белград.
-Србите и Русите никогаш не ја избрале погрешната страна на историјата и ако се сомневате каде е слободата, само видете каде се Србите и Русите. Нашите предци не доведоа до победничката страна на историјата и затоа ние не ја менуваме историјата и не дозволуваме тоа да го направат оние кои се срамат од својата историја, рече Вулин, се наведува во соопштенеито од Владата на Србија.
„Тие не се срамат од злосторствата на нивните предци, тие се срамат од нивниот пораз“, рече Вулин и насобраните ги поздрави со поздравот на југословенските партизани, „поздрав кој денес е вистинит како и тогаш, смрт на фашизмот, слобода на народот“.
Како што пренесуваат руските медиуми, композицијата „Сојузници, партизани на Југославија“ ја претставува средбата на сојузничките сили на Југославија, поточно на партизаните и на советските тенковски сили. Скулптурата го симболизира пријателството, взаемната помош и победата во Втората светска војна, ослободувањето на Југославија од окупацијата на нацистичка Германија.
Како што соопштија од владата, вицепремиерот на Србија, Александар Вулин, ќе престојува во работна посета на Русија од 12 до 15 август. Тој ќе одржи широк спектар на состаноци, а ќе разговара и со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, секретарот на Советот за безбедност на Русија Сергеј Шојгу и претставници на безбедносниот сектор, јавуваат руските медиуми.
Во официјална посета на Русија е и уште еден српски министер кој е на црната листа на САД како и Вулин, министерот задолжен за меѓународна економска соработка, Ненад Поповиќ, кој е и претседател на српскиот дел на Српско-рускиот меѓувладин комитет за трговска, економска и научно-техничка соработка, кој според соопштението на српската влада ќе се сретне со министерот за економски развој на Русија, Максим Решетников.
Пред три дена, во пресрет на големиот протест против ископот на литиум во Белград, Москва повторно го поддржа официјален Белград и владата на Александар Вучиќ, меѓу останатото споделувајќи безбедносни информации за насилства и можен дрќавен удар.
Во својата анализа за актуелната политичка ситуација во пријателска Србија, портпаролот на руското МНР, Марија Захарова, оцени дека озлогласените шеми кои неколкупати ги користеле западните идеолози на „демократијата на плоштад“ и нивните „домашни слуги“ повторно се на дело, соопшти амбасадата на Русија во Белград