Заедничката европска валута, еврото, го допре историскиот минимум во размена со албанската валута, лек.

Според официјалните податоци на Централна банка на Албанија, едно евро сега се менува за 99,95 леки, спуштајќи се под границата од 100 леки каде што беше позиционирано во последните месеци.

-Тоа се должи на повеќе фактори, почнувајќи од странските инвестиции во недвижности во Албанија, па сè до менувачките операции во големи износи, што е условено од масовното присуство на странски туристи, јавија медиумите.

Ако се направи споредба на курсот евро-лек за првата половина од годинава, произлегува дека европската валута поевтинила во однос на албанскиот лек за повеќе од 8% во однос на истиот период пред една година.

Брокерите на девизниот курс очекуваат европската валута да претрпи дополнително намалување на вредноста, имајќи го предвид фактот дека во ек е летната туристичка сезона, а не стивнува ни големиот интерес на странците за купување недвижен имот.

Ваквиот тренд позитивно ќе се одрази кај сите оние лица кои имаат кредити во евра, бидејќи ќе плаќаат помалку.

И Владата има корист од силниот лек во однос на еврото, бидејќи плаќа помалку за надворешниот долг.

Тие што се директно оштетени се извозниците бидејќи ја продаваат стоката во евра, добивајќи помал профит.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/08/2024 04:16