Воените сили на Европската унија во Босна и Херцеговина, ЕУФОР, на крајот на август ќе почнат голема воена вежба во која ќе учествуваат војници од 23 земји за да демонстрираат подготвеност за зачувување на мирот и територијалниот интегритет на земјата, изјави денеска командантот на европските сили, генерал Ласло Штиц.
Вежбата „Брз одговор“, што ќе се одржи од 24 август до 16 септември, е дел од редовните активности што се одржуваат од 2012 година и ќе се спроведува во соработка со армијата на БиХ. Во овогодинешната вежба ќе учествуваат војници од 23 земји-членки, кои привремено ќе бидат засилени со војници од Австрија, Унгарија, Романија и мисијата КФОР“, изјави Штиц за новинарите во Сараево.
Целта на вежбата е подготовка за можни кризни ситуации со поддршка на резервните сили во странство. Дополнителните војници ќе бидат распоредени во БиХ и кога ќе започне вежбата ќе бидат вклучени во патроли поддржани од дронови и хеликоптери. Поголемиот дел од нивните операции ќе бидат извршени во областите Чаплина, Гламоч, Ливно, Орашие, Пазариќ, Сараево, Тузла и Устиколина.
Дополнителни меѓународни сили ќе бидат распоредени на некои од граничните пунктови на границата со Хрватска и Црна Гора.
„Ние продолжуваме да бидеме доверлива воена сила која обезбедува стабилна средина“, рече командантот на ЕУФОР.