Косовскиот премиер Албин Курти, заедно со министерот за инфраструктура Либурн Алиу, го посети местото каде што почнаа работите на патот Призрен-Тетово кој, како што истакна, ги поврзува овие два историски града на двете соседни земји и е од особено значење, како за граѓаните, така и за стопанството, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во видеото што го објави денеска на неговата страница на Фејсбук, Курти вели дека работите почнуваат со сегментот Стружа, од поврзувањето со автопатот „Ибрахим Ругова“ во Призрен, и „ќе се работи секој ден до реализација на оваа толку посакувана инфраструктурна врска“.
„Сега ги започнуваме работите, долг е (сегментот) близу седум километри и со вредност од 8,3 милиони евра... Треба да дадеме максимална поддршка овој инфраструктурен проект да биде завршен што поскоро, бидејќи е изгубено многу време за Призрен и Тетово да останат толку долго разделени“, рече Курти.
Министерот за животна средина, просторно планирање и инфраструктура, Либурн Алиу, рече дека овој проект, освен што го поврзува автопатот „Ибрахим Ругова“ со Јонско-јадранскиот коридор и Коридорот 8 од другата страна, кај Тетово, ќе служи и за планински туризам од двете страни и ќе придонесува за економскиот развој на двете земји.