Заменик портпаролот на Стејт департментот, Ведант Пател, изјави дека САД „нема да се двоумат да направат се што е неопходно за да се обезбеди заштитата на американскиот персонал“ во Косово, пренесоа српските медиуми.
Запрашан како ќе реагира Стејт департментот за да ги заштити животите на американските војници во КФОР од едностраните постапки, по најавата на Приштина дека ќе го отвори главниот мост на Ибар во Митровица, Пател рече дека, иако сè уште не видел конкретни изјави и коментари на претставниците на Приштина, САД „нема да се двоумат да направат се што е неопходно за да се обезбеди заштита на американскиот персонал и своите луѓе“.
Стејт департментот претходно соопшти дека САД во овој момент не поддржуваат никакви потези за промена на сегашниот статус на мостот на Ибар и дека отворањето на мостот за сообраќајот на возила сега го зголемува потенцијалот за насилство и го става локалното население, како и војниците на КФОР , вклучувајќи ги и Американците, во ризик.
Американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, на 13 август изјави дека во овој момент постои реален ризик поврзан со отворањето на мостот во Митровица, што може да влијае на безбедноста на војниците на НАТО, вклучително и американските војници.
Приштина најави отворање на главниот мост на реката Ибар во Митровица, иако Белград и Србите на северот на Косово се против, посочувајќи дека тоа ја загрозува безбедноста на Србите.
Српскиот премиер, Милош Вучевиќ, вчера изјави дека отворањето на мостот ќе биде опасен потег што ќе ја загрози безбедноста и опстанокот на Србите во Косово. Тој посочи дека отворањето на мостот ќе биде катастрофа и дека директно ќе ги откаже сите разговори и договори и ќе го направи процесот на дијалог бесмислен, иако Србија останува посветена на процесот на дијалог, бидејќи тоа е во нејзин интерес. Притоа, тој апелираше пред се до земјите од Квинта да не го дозволат тоа, а КФОР да го направи тоа што е негова мисија.
На отворањето на главниот мост во Митровица во моментов се противат КФОР, ЕУ и ОБСЕ, кои сметаат дека ова прашање треба да биде дел од дијалогот меѓу Белград и Приштина