Во политичка смисла на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ им одговараат наративите на меѓуетнички конфликт и дестабилизација, како и на ЗНАМ кои се целосно маргинализирани во Владата па имаат можност да го оживеат својот националистички наратив, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче во интервју за неделникот „Фокус“.

Како што соопштуваат од СДСМ, во интервјуто лидерот на партијата смета дека стратегијата за подигање меѓуетничка тензија која ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја спроведуваа пред изборите сега повторно ја враќаат во игра.

-Ако се земе предвид дека ДУИ му даде поддршка на ВМРО-ДПМНЕ за Законот за реорганизација на министерствата, без кои не можеше да се формира Влада, тогаш не би се чудел целата работа да е договорена стратегија меѓу двете партии. Дури и да не е договорена таа е во интерес на двете страни, вели во интервјуто Филипче.

Според претседателот на СДСМ, Филипче, ваквите сценарија на ВМРО ДПМНЕ, познати од порано, штетно ќе влијаат на развојот на економијата и создаваат страв и конфузија кај граѓаните.

-За жал, ваквите сценарија носат само застој во развојот на државата, на економијата, многу конфузија и страв кај граѓаните. Ништо добро не сме виделе од бескрајните меѓуетнички теми освен покачени тензии и назадување на дражвата. Но, добро е што за разлика од претходниот мандат на ВМРО-ДПМНЕ, сега граѓаните и стручната јавност многу рано ги препознава истите тактики, а со тоа и ефектот од нив е слаб, вели Филипче.

Тој вели дека СДСМ нема да поддржи никаква интерпретација или автентично толкување на Рамковниот договор и додава дека договорот не е извор на желби.

-На ДУИ треба да им биде јасно дека тој не е неисцрпен извор на желби. Тоа е историски документ и се што е од него произлезено и договорено со нашите стратешки партнери, како меѓународни гарантори на тој договор, е веќе втора деценија дел од уставниот поредок на земјата. Нема интерпретации, нема автентични толкувања. Мачен и долг беше процесот на негова имплементација и ставот на СДСМ е јасен: ниту поддржувала, ниту ќе поддржи какви било барања за негова интерпретација, или како што слушам сега, автентично толкување од странски експерти, од кого и да доаѓаат, вели претседателот на СДСМ.

Во интервјуто покрај за актуелни прашања од доменот на политичките случувања во земјата, тој зборува и за политичката стратегија на СДСМ и како партијата ќе дејствува претстојниот период, се наведува во партиското соопштение.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/08/2024 17:47