Социјалдемократскиот сојуз на Македонија нема да го поддржи Предлог-буџетот на Владата за 2025 година, го оцени како нереален и неразвоен и поднесе повеќе од 200 амандмани со главен фокус кон зголемување на платите во јавниот сектор и обезбедување на подобри услови за работа и квалитетни јавни услуги. Ова го соопшти денеска лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче кој рече дека според проекциите Владата е подготвена да ги задолжува граѓаните „до следните три поколенија, без да создаде развој“.

– Овој буџет, како што е предложен, е скроен да ги задоволи потребите на власта, а не на граѓаните. Владата предвидува раст на БДП од 3,7 отсто за 2025 година, кој нема да може да го оствари, а потврда за тоа се проекциите на Народна банка, која го определи на 3,3 отсто и очигледно најреалната проценка на Светска банка 2,5 отсто. Владина проекција за висок раст на БДП е поставена на нереална основа и има за цел да оправда поголем буџетски дефицит. Ваквиот пристап ќе значи и зголемување на јавниот долг без да донесе никаков развој. Со други зборови ќе трошиме повеќе од тоа што заработуваме, а долгот ќе мораме да го враќаме во иднина веројатно со многу повисоки даноци или со кратење на пари за други подобри јавни услуги. Сите овие податоци покажуваат дека Владата е подготвена да ги задолжува граѓаните до следните три поколенија, без да создаде развој, рече Филипче.

Вели Владата предвидува 250 милиони евра од заемот од Унгарија да ги пласира како поволни кредити за стопанството преку деловни банки, за кои се има согласено да ја плаќа разликата во каматата и банкарските трошоци на кредитите кои банките ќе им ги одобрат на компаниите.

– Во исто време се планира кратење на капиталните разходи во клучни сектори како здравство и образование. Ова е најдобар индикатор дека Владата нема концепт за развој, туку го оптоварува буџетот со непотребни трошоци без воопшто да вложува во секторите кои значат квалитетен живот на граѓаните. Понатаму, Владата предвидува 250 милиони евра од заемот од Унгарија да ги пласира како поволни кредити за стопанството преку деловни банки, при што како што соопшти премиерот Христијан Мицкоски, Владата се согласила да ја плаќа разликата во каматата и банкарските трошоци на кредитите кои банките ќе им ги одобрат на компаниите. Мицкоски треба да каже зошто ќе има двојно плаќање на камата и потенцијална нееднаквост меѓу компаниите и општините. Второ, зошто со парите на граѓаните ќе ги враќа и плаќа два пати каматите за кредити. Тие кредити нема да се потрошат за потребите на граѓаните и за подобрување на нивниот квалитет на живот, рече Филипче.

Во врска со амандманите, Филипче истакна дека за сите има солидно образложение и како што рече, тие се поднесени по сериозни анализи по сектори од експерти коишто работат со години во тие сектори.

– Ова се амандмани коишто се поднесени после сериозни анализи по сектори од наши експерти коишто работат со години во тие сектори и за сите поднесени амандмани има солидно образложение. Амандманите се димензионирани врз основа на потребите на луѓето коишто работат во тие сектори. Понатаму, реално мерени проценети и очекувања согласно тие амандмани и инвестиции кај што Владата не предвидела средства, понатаму дополнителни пари за подобрување на животниот стандард на граѓаните каде исто така Владата не предвидела средства. Очекувам да покажат добра волја и да ги поддржат овие амандмани поради тоа што овие амандмани се исклучиво направени и така ги предлагаме за граѓаните и за нашата економија, рече Филипче.

Нагласи дека СДСМ смета дека бил неправилен критериумот според кој биле доделувани парите од унгарскиот кредит на општините.

-Искрено се надевам дека власта ќе има конструктивен пристап кон нашите предлози, дополнително и кон оние амандмани коишто се правени врз основа на потребите на различни општини. Имено, еден од критериумите врз основа на коишто беа доделувани парите од унгарскиот кредит беше бројот на население во одредени општини, сметаме дека тоа воопшто не е механизам да се запази еден рамномерен регионален развој. Напротив, поголемите општини ќе имаат поголем буџет да инвестираат во проекти, помалите не. Сметаме дека тоа не е правилен пристап. Затоа во еден друг дел предлагаме и амандмани по различни региони. Да сумирам, верувам дека ќе најдат добра волја и дека со соодветното решение кое што ќе го приложиме со сите амандмани дека ќе ги поддржат, подвлече Филипче.

Со поднесените амандмани опозициската СДСМ предлага одвојување на 3.500.000.000 денари од Буџетот за следната година за зголемување на платите во јавниот сектор. Со амандман којшто се однесува на образованието, СДСМ предлага издвојување на 996.406.000 денари за зголемување на платите на наставниците од основно и средно образование. Во полицијата, со амандман СДСМ предлага покачување на платите од 20 отсто, додека, пак, за платите на пожарникарите да се издвојат 1.000.000.000 денари во Буџетот за 2025 година.

-Нашите амандмани ќе придонесат за рамномерен и одржлив развој и ќе ја поттикнат македонската економија кон вистински напредок. Веруваме дека ова е буџет што може да одговори на реалните потреби на граѓаните, но само со конструктивни измени и зголемени капитални инвестиции, заклучи Филипче



Автор: Администратор
Објавено на: 13/11/2024 17:03