Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ изјави дека вахабистот Сенад Рамовиќ Бецан бил убиен синоќа во судир со полицијата во селото Хотково кај Нови Пазар и посочи дека Рамовиќ при апсењето одбил да се предаде и испукал три или четири куршуми кон припадниците на МВР, јави дописникот на МИА од Белград.

-Тоа беше заедничка акција на БИА, МВР и Вишото јавно обвинителство во Нови Пазар, изјави Дачиќ за ТВ Прва.

Дачиќ посочи дека акцијата била спроведена во селото Хотково од каде што е Рамовиќ, но дека не бил во неговата куќа, туку бил пронајден во куќа оддалечена неколку стотини метри од неговата куќа, сопственост на неговиот зет Алдин Бирчовиќ, криминалец од Нови Пазар, кој моментално издржува затворска казна во Ниш.

-За време на апсењето (Рамовиќ) даваше отпор, пукаше во полицијата, испука три-четири куршуми и припадниците на Специјалната антитерористичка единица го ликвидираа, рече Дачиќ.

Тој изјави дека Рамовиќ бил во бегство по терористичкиот напад на жандармот пред израелската амбасада во Белград, кој во јуни го изврши Милош Жујовиќ, дека против него е поднесена кривична пријава и дека побегнал на територијата на Косово.

Дачиќ потсети дека Рамовиќ во 2007 година е осуден на две години затвор за кривичното дело тероризам и дека одиграл клучна улога во радикализацијата на Жујовиќ, кој изврши терористички акт во Белград на 29 јуни, како и на други лица, како на пример на Лазар Бербер од Сомбор, кој исто така неодамна беше уапсен во заедничка акција на БИА, МВР и Обвинителството за организиран криминал поради основано сомнение дека подготвувал терористички акт.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/08/2024 15:48