Отворање „неколку часа дневно“, како прва фаза од отворањето на мостот на реката Ибар, кој го дели градот Митровица на јужен дел, населен со мнозинство Албанци, и северен, со мнозинство Срби, би можело да биде една од опциите кои сериозно се разгледуваат во дискусиите меѓу Владата на Косово и амбасадите на групата Квинта, пишува денеска порталот „Националe“.

Како што пренесува МИА од Приштина, порталот дознава дека ова е почетен компромис меѓу две дијаметрално спротивни позиции: од една страна КФОР, кој никогаш не даде никакви индикации за преместување на своето стационирано присуство на мостот, и косовската влада, која го претстави отворањето како завршен чин или, како што рече министерот за внатрешни работи Џељаљ Свечља, како „затворен случај, конечна одлука“.

„Национале“ се обиде да добие потврда од Владата на Косово дали се разговара за ова „отворање од неколку часа дневно... како прва фаза“, но не доби ниту потврда ниту демант.

-Контактиравме и со ЕУ и со една земја од Квинта, но исто така не добивме ниту потврда ниту демант. Исто и од Претседателството (на државата) - ниту потврда ниту демант“, пишува приштинскиот медиум.

Според споменатото сценарио, наместо бетонска блокада на крајниот (северниот) дел од мостот на Ибар, предвидено е да се постават автоматски блокади кои се активираат на ниво на улицата: односно се отвораат/затвораат во одреденото дозволено време.

Отворањето на мостот во Митровица едноставно онака како што беше замислено од Владата на Косово наиде на голем меѓународен отпор, па дури, како што дознава „Национале“, КФОР би можел да преземе „континуирано блокирачки“ пристап доколку мостот се отвори „на своја рака“ од Владата на Албин Курти. Сепак, се чини дека разговорите добиле форма на изнаоѓање своевидна средина.

Се претпоставуваше дека откако ќе се изврши техничката проценка на стабилноста на мостот ќе се продолжи со негово отворање, но острото противење од Квинта ја натера Владата да го преименува тој извештај како „прелиминарен“.

„Квинта и КФОР не се изјаснија против отворањето на мостот ‘пер-се’, туку само против избраниот начин на косовската влада, која, како што обично прави, ги отфрли сите безбедносни грижи артикулирани од нив. Европската унија дури смета дека ова прашање треба да биде вклучено во агендата на преговорите во рамките на дијалогот Косово-Србија во Брисел, иако се претпоставува дека овој случај е затворен уште во 2016 година“, пишува „Национале“.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/08/2024 16:23