Косовскиот премиер Албин Курти денеска изјави дека владата сака што поскоро да го отвори мостот на Ибар, но дека „ниту сакаат да ги изненадат своите европски и американски партнери, пријатели и сојузници од една страна, ниту можат ли да дозволат тоа прашање да се одолговлекува на неодредено време“.
Тој во интервју за албанската програма „Гласот на Америка“ рече дека мостот на реката Ибар треба да биде отворен и дека не требало да биде затворен.
Тој додаде дека во Брисел е постигнат договор за прашањето за мостот и дека нема причина дополнително да се разговара за тоа.
„Мостот на реката Ибар мораше да се отвори кога Косово беше ослободено пред 25 години. Не требаше да биде затворен кога Косово стана независно пред 16 години. Требаше да биде отворен пред осум години врз основа на Договорот од Брисел и планот за имплементација...Тоа што сакаме да го направиме е слободно движење на сите граѓани, стоки и капитал од двете страни на реката Ибар“, рече Курти.
Тој рече дека внимателно се слушаат сите забелешки и сугестии на меѓународните партнери.
Тој додаде дека не верува оти односите со САД се нарушени.
Курти е во САД за да присуствува на меѓународната демократска конвенција во Чикаго, пренесе Бета