Претседателката на Косово, Вјоса Османи, во вторник се сретна со помошникот генерален секретар за политички прашања и безбедносна политика на НАТО, Борис Руге, при што ја истакна благодарноста на Косово за постојаниот придонес на НАТО за Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
По средбата, Османи во објава на нејзината страница на Фејсбук ја истакна посветеност на Косово за членство во Северноатлантската алијанса.
„Денеска на средба со помошникот генерален секретар на НАТО, амбасадорот Борис Руге, ја повторив благодарноста на Косово за постојаниот придонес на НАТО за Косово, како и посветеноста на Косово за членство во НАТО. Косово е подготвено да придонесе за трансатлантското единство во одбрана на заедничките вредности на мирот, демократијата и слободата“, напиша Османи.
Средбата се случува во време кога меѓународниот фактор се обидува да го убеди косовскиот премиер Албин Курти дека главниот мост на реката Ибар, која го дели градот Митровица на јужен дел, населен со мнозниство Албанци и северен, со српско мнозинство, во овој момент не треба да се отвора.
Владата на Косово постојано повторува дека мостот ќе биде отворен, а меѓународниците предупредуваат на „непосредна опасност“ од насилство и други проблеми.
Во понеделникот, Османи се сретна со командантот на мисијата на НАТО во Косово, КФОР, Озкан Улуташ, по што порача дека „отворањето на мостот како чин на нормализација и интеграција е во интерес на сите граѓани, без оглед на етничката припадност“. Сепак, таа додаде дека „долгорочниот и стабилен успех секогаш се постигнува со сојузниците“.