Советникот во Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Стојановски, изјави дека треба сериозно да се разгледа можноста за кривична постапка за градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска за неисполнување на законските обврски и надлежности согласно закон.

- Денес ја видовме целата неспособност на градоначалничката и точната дијагноза зошто Скопје е во катастрофална состојба. И од оваа ситуација Данела Арсовска најде причина да се скара, причина да одбие помош и причина да не сработи она што е нејзина надлежност и одговорност, рече Стојановски.

Дополни дека, како што рече „ќе сториме сè што е во наша моќ да ги корегираме нејзините испади, неработење и неодговорно и детско однесување“.

- СДС ја киднапира Арсовска држејќи ја, и уценувајќи ја за криминални и неморални постапки. И сега како што СДС е измеќар на ДУИ, Арсовска е на СДС, рече тој.

Во однос на прашањето зошто Советот не ги гласа програмите на Арсовска и што ќе направат за да ги решат проблемите, тој одговори дека тоа што сите советнички групи не ги гласаат програмите е доказ дека не се доволно потковани.

- Ние како советничка група сме секогаш подготвени да изгласаме сè што е во интерес на граѓаните, што е во рамките на законот, но никако поинаку, никако во интерес на Арсовска и нејзините бизнис зделки, посочи советникот.

На прашањето на што ќе биде заснована кривичната постапка која ја најави, одговори дека ќе биде за неисполнување на обврските.

- Треба да се разгледав можноста заради неисполнување на своите обврски и надлежности, на неа лично како градоначалник, и тука ќе видиме правно како би одела таа постапка, затоа што ако еден градоначалник не ги исполнува своите обврски, треба да понесе кривична одговорност зошто е тоа така, рече тој.

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, денеска, на прес-конференција, ги обвини советниците од редовите на владеачката партија за блокада во Советот, а одговорноста за проблемите со кои се соочува Градот рече дека треба да се бара кај нив. Советниците на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Арсовска вели блокираат планови за работа без кои што претпријатијата не само што не можат, туку и не смеат да работат.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/08/2024 01:13