Директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, денеска до Министерството за култура и туризам достави неотповиклива оставка.

Во оставката што му беше врачена лично на министерот Зоран Љутков се наведува дека одлуката ја донела поради лични причини.

Поповиќ раководеше со најзначајната музичко-сценска манифестација изминативе шест години во кои се реализира квалитетна уметничка програма со светски и домашни уметници кои оставија белег во богатата фестивалска програма.

Во нејзин мандат Фестивалот „Охридско лето“ одбележа значаен јубилеј-60 години од постоењето во време на пандемијата со коронавирусот. Се реализира квалитетна програма со учество на домашни и странски уметници, но и со почитување на мерките и препораките за заштита на публиката и учесниците кога сите културни манифестации беа откажани.

Поповиќ пред оставката кажа дека е горда на сработеното, на квалитетната програма богата со бројни звучни имиња. Заблагодарувајќи се на вработените кажа дека е горда што имала прилика да работи со посветен и професионален тим кој се справува со сите предизвици.

-Посебно сум горда за високиот квалитет на програмата и успешните шест фестивалски изданија кои се позитивно оценети од стручната критика, од делегатите на Европската асоцијација на фестивали (ЕФА) кои беа тука на свечените отварања на Фестивалот, но и од нашата верна публика. Ми беше огромна чест и задоволство да работам на оваа функција со еден прекрасен тим којшто многу ми помогна за да бидам успешен директор и менаџер, тим кој е за пример и почит, не само во Охрид, туку и пошироко во државата, но и со селекторките на музичката и на драмската програма на фестивалот, Бисера Чадловска и Сања Арсовска, вели Поповиќ.

Таа најави дека професионалната кариера ќе ја продолжи во културата, во уметноста која е и нејзина професија.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/08/2024 18:57