Пожарникарите веќе два дена водат голема битка да ги стават под контрола шумските пожари на југоистокот на Србија, јави Би-Би-Си на српски јазик.
Најголемите пожари во моментот се на подножјето на врвот Видлич на Стара Планина, во општините Димитровград и Пирот, на границата со Бугарија, соопшти Министерството за внатрешни работи на Србија.
Огнот зафатил неколку стотини хектари во тој регион, јавува Радио-телевизија Србија (РТС).
Две села во таа област се загрозени бидејќи огнот се приближува, изјави Лука Чаушиќ, началник на Секторот за вонредни ситуации при МВР на Србија. Се распламтил и пожар во општина Жагубица.
Полицијата се сомнева дека пожарите се подметнати. Пожарот на Видлич го гасат вкупно 120 лица – пожарникари и работници од Јавното претпријатие „Србијашуме“, а ангажирани се и хеликоптери.
Општина Димитровград наскоро би можела да прогласи вонредна состојба, јавува РТС.
Ситуацијата е сложена бидејќи се работи за исклучително непристапен терен. - Во овој регион се загрозени две села, Одоровци и Гуленци, но ќе ги насочиме сите сили да ги заштитиме жителите, изјави Чаушиќ.
Постои сомневање дека подметнат е и пожарот во регионот на Сува Планина.
Во Србија температурата во јули и август неколку пати надмина 35 степени Целзиусови.