Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) денеска го одобри Извештајот на прелиминарниот список на избирачи, списокот на избирачките центри надвор од Косово, бројот на избирачки места и максималниот број гласачи на изборите на 9 февруари идната година, јави дописникот на МИА од Приштина.
Како што објави денеска косовската ЦИК, на претстојните редовни парламентарни избори право на глас имаат 2.047.148 гласачи, што значи дека нивниот број е зголемен за 161.700 гласачи во однос на локалните избори одржани во 2021 година.
Директорот на Управата за регистрација, сертификација и финансиска контрола на политичките субјекти, Бесник Бужала изјави дека ЦИК досега ја прифатила декларацијата за коалиција меѓу две политички партии.
Тој додаде дека според законот, регистрираните партии кои сакаат да учествуваат на изборите преку коалиција имаат рок до петок да ја известат ЦИК, додека досега до ЦИК е доставена декларација за коалиција меѓу две регистрирани политички партии: Демократската партија на единството и Иницијативата Бали.
„Согласно Законот за општи избори, политичките партии регистрирани во Косово, кои сакаат да учествуваат на изборите преку коалиција, мора да ја известат ЦИК, односно Управата за регистрација, сертификација и финансиска контрола на политичките субјекти. Коалиција може да се изгради од најмалку две политички партии и една политичка партија не може да се повлече од коалицијата откако ќе биде заверена, додека не се серификуваат изборните резултати“, рече Бужала.
Исто така, политичка партија која е членка на коалиција не може да учествува како член на друга коалиција или како посебна политичка партија на истите избори.
На 30 август истекува рокот во кој политичките партии треба да ја известат ЦИК, односно надлежната Управа, за неучество на изборите.
Неучество на изборите досега најавиле регистрираните политички партии, Демократската партија на дијаспората и Движењето за обединување.