Европската перспектива на Турција поминува низ почитувањето на меѓународното право, европското законодавство, почитувањето на суверенитетот и суверените права на сите земји-членки, истакна министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, по пристигнувањето на неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на Европската унија во Брисел, јави дописничката на МИА од Атина.
Герапетритис посочи дека Грција ја поддржува европската перспектива на Турција, но и истакна дека според него, клучно е, што по пауза од пет години, на неформалниот состанок присуствува и турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан.
-Особено е важно во овој период, кога на иницијатива на Обединетите нации во тек е процес за рестартирање на дискусиите за кипарското прашање, да се покаже корисен и креативен став, за кипарското прашање, што е огромен трн во светскиот мир, безбедноста, за меѓународното право, конечно да се реши во рамките на одлуките на Советот за безбедност на Обединетите нации, истакна Герапетритис, кој на маргините на состанокот во текот на денешниот ден ќе се сретне со неговиот турски колега.
Шефот на грчката дипломатија во изјавата се осврна и на случувањата на Блискиот Исток, изразувајќи загриженост за ситуацијата на Западниот Брег, во Либан, во Црвеното Море, а го спомена и грчкиот танкерот „Сунион“ што беше мета на напад.
- Се вложуваат значителни дипломатски напори меѓу земјите и Грција, за да можеме да спречиме каква било еколошка катастрофа што потенцијално би можела да биде предизвикана. Вчера имав разговор со министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија за да обезбедиме начин на кој што е можно побезбедно да се постапи по ова прашање, рече шефот на грчката дипломатија.
За Украина, објасни дека ќе бидат информирани од шефот на украинската дипломатија и додаде дека она што е потребно е „апсолутно да се гарантира територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“