Министрите за надворешни работи на Грција и Турција Јоргос Герапетритис и Хакан Фидан се сретнаа во Брисел на маргините на неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ, а дипломатски извори за грчката новинска агенција АНА-МПА брифирале дека односите на Турција со ЕУ и со Грција биле во фокусот на разговорите, јави дописничката на МИА од Атина.
Според истите извори средбата траела еден час, Герапетритис истакнал дека Грција ја поддржува европската перспектива на Турција, но дека треба да се почитуваат европското законодавство, суверенитетот и суверените права на сите земји-членки и Заедничката надворешна политика и безбедносната политика на ЕУ и дека за ова потребна е поголема координација меѓу Турција и ЕУ.
Во однос на билатералните односи, како што пишува АНА-МПА, Герапетритис ги покренал сите прашања кои во претходниот период создаваа тензии од страна на Турција и укажал на потребата од добра клима, избегнување на тензии и почитување на меѓународното право.
Станало збор и за кипарското прашање, за кое шефот на грчката дипломатија ја истакнал потребата од рестартирање на дијалогот во рамките на одлуките на Советот за безбедност на ОН и да се искористи можноста што ја дава подобрувањето на грчко-турските односи.
Дополнително, Герапетритис и Фидан разговарале и за претстојната средба на грчкиот премиер и турскиот претседател на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.