Специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Саразин изјави дека причина за неговата денешна посета на Приштина е подготовката за самитот на Берлинскиот процес, што ќе се одржи во октомври во Германија и дека за истата цел ќе посети и други земји од регионот, јави дописникот на МИА од Приштина.
Саразин пред заминувањето од Косово изјави пред медиумите дека идејата е да се внесе регионот на Западен Балкан во Европската унија и порача дека за тоа се потребни конкретни резултати.
Германскиот емисар изјави дека за да се оди напред, потребен е компромис, а во некои случаи и волја за отстапки и политичко помирување, што, како што рече, знае дека е тешко за Косово и Србија.
Саразин нагласи дека загрижено го напушта Косово, во отсуство на резултати во однос на Берлинскиот процес и предупреди на можноста да нема позитивно движење до 14 октомври, кога ќе се одржи Самитот на Берлинскиот процес во Германија.
„Денеска дојдов во Приштина и ќе патувам во регионот за да подготвам конкретни резултати за луѓето од регионот. Да се оди напред е потребен компромис и желба и отстапки за политичко помирување, што знам дека не е лесно ниту за Косово, ниту за Србија. Заминувам загрижен дека сè уште не сме таму каде што треба да бидеме. Ако не постигнеме добри резултати до Самитот на 14 октомври, загрижен сум дека нема да ја постигнеме нашата цел да добиеме силен сигнал дека регионалната соработка, регионалниот заеднички пазар и Берлинскиот процес се форматот во регионот за да донесе конкретни резултати за граѓаните“, рече Саразин.
Тој нагласи дека се бара од сите држави во регионот да имаат резултати во однос на слободното движење на луѓе, стоки, пари и трговија, напоменувајќи дека, не само Косово и Србија, туку и другите земји од регионот сé уште не се на вистинското ниво да донесат конкретни резултати од соработката во рамките на Берлинскиот процес.
Во текот на денешниот ден Саразин во Приштина се сретна со претседателката на Косово, Вјоса Османи, со премиерот Албин Курти и со лидерите на најголемите парламентарни опозициски партии, Мемли Красниќи од Демократската партија на Косово и Љумир Абдиџику од Демократскиот сојуз на Косово.
Во октомври ќе се одржи следниот самит на Берлинскиот процес, на кој ќе се соберат претставниците на Западен Балкан и на земјите од Европската Унија, во рамки на десетгодишнината од оваа иницијатива