Археолози открија големо историско богатство длабоко во мексиканската џунгла. Во древниот, одамна напуштен град на Маите наречен Коба, близу пирамидата Нохоц Мул, пронајдена е камена плоча од 11 квадратни метри, со натпис од 123 глифи, поточно идеографи.

Според првичната анализа, глифите главно се однесуваат на датумот на основање на градот Кех Виц Нал („Планината на Елените“) - 12 мај 569 година. Тие го спомнуваат и претходно непознатиот владетел на Маите - К'авиил Ч'ак Чен, а некои од зборовите се однесуваат на боговите за кои Маите верувале дека го основале Коба, како што е Болон Цакаб Ајав - „господарот на безброј поколенија“.

Некогаш величествениот, а сега разурнат град Коба се наоѓа во сојузната држава Кинтана Ру, на источната страна од полуостровот Јукатан. Најверојатно бил изграден од Маите во 50 г. п.н.е. и бил постојано населен повеќе од 1.500 години. За време на врвниот подем, во градот живееле околу 50.000 луѓе, пишува „Сајенс алерт“ (Science Alert). Наоѓалиштето денес е едно од ретките што сè уште го носат своето мајанско име - Коба. Тоа име во превод значи „немирни води“. Во него се откриени гравури и скулптури што раскажуваат за животот на древните Маи.

Досега се идентификувани 14 владетели на Коба, од кои и три жени. Меѓу нив, една владеела дури 40 години. Многу од овие владетели го носеле името К'авиил - по мајанскиот бог на молњите



Автор: Администратор
Објавено на: 30/08/2024 04:02