Бугарија ги предложи поранешните министри Екатерина Захариева и Јулијан Попов за комесари во новата Европска комисија. Софија досега е единствената која одговорила на барањето на претседателот на Европската комисија земјите-членки да предложат двајца кандидати - маж и жена, пишува „Политико“.
Екатерина Захариева беше министерка за надворешни работи во периодот од 2017 до 2021 година, а претходно беше министер за правда и регионален развој. Јулијан Попов до неодамна беше министер за животна средина, а беше и политички советник за Централна и Источна Европа во Европската климатска фондација.
Бугарија би сакала Захариева да биде комесар за регионална и кохезиона политика, со што би го надгледувала Европскиот фонд за регионален развој, во кој оди третина од буџетот на ЕУ.
Попов би можел да биде на чело на енергетскиот ресор.
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, првата жена на чело на Комисијата, побара од владите да предложат машки и женски кандидат за еврокомесар до 30 август, за да може таа да формира тим во кој ќе има родова рамнотежа. Ова барање не важи доколку земјите го назначат истиот комесар.
Досега, меѓутоа, ниту една земја нема предложено двајца кандидати, а меѓу кандидатите за комесари има само шест жени, наспроти 17 мажи.