Хрватскиот град Дубровник започна акција против таксистите, кои според властите се премногу на улиците и предизвикуваат сообраќајни гужви. Како што соопштија, бројот на такси возила планираат да го намалат од неколку илјади на 700.
Таксистите тврдат дека не се единствените кои предизвикуваат гужви и дека ова е чиста дискриминација.
Дубровник е првиот град во Хрватска кој воведува зона со посебен сообраќаен режим. Целта е да се намалат гужвите околу историското јадро, но и да се воспостави ред. Тестната фаза започнува на 1 септември, а целосната примена ќе биде од 1 март. До самите ѕидини ќе можат да се приближат само оние со дозвола, пренесува Dnevnik.hr.
- Во моментов имаме 9000 такси возила, а целта е до 1 март да ги сведеме на 700, изјави градоначалникот на Дубровник, Мато Франковиќ.
Иако таксистите не се противат на најавата за намалување на бројот на возила, спорен им е начинот на кој ќе се избира кој ќе добие дозвола.
Таксистите сметаат дека проблемот со сообраќајот во Дубровник е многуслоен и го повикуваат надлежниот министер на дијалог.