Податоците на Министерството за образование на Албанија покажуваат дека од 2012 до 2022 година, бројот на запишани ученици во училишта во руралните средини е намален за околу 40 отсто, додека бројот на ученици во училишта во градовите е намален за 20 отсто.
Во училиштата во селата, во учебната 2012/2013 година биле запишани над 186 илјади ученици, додека нивниот број паднал на 113 илјади или 40 отсто помалку во учебната 2021-2022 година.
-Во градските училишта во истата учебна година биле запишани над 204 илјади ученици, додека во 2021/2022 година над 164 илјади или 19,4 отсто помалку. Бројот на ученици во руралните училишта покажува дека населението во руралните средини е намалено двојно повеќе од населението во урбаните средини, констатира "Монитор". Оценува дека бројот на деца во земјата рапидно се намалува во последните години, главно поради високата емиграција на младите и ниската стапка на фертилитет. Жените во репродуктивна возраст раѓаат се помалку деца, а возраста за брак расте и за мажите и за жените. -Исто така, движењата во земјата создаваат двоен негативен ефект за населението кое живее во руралните средини. Поради намалувањето на бројот на ученици, десетици училишта од година во година се затвораат. Од друга страна, затворањето на училиштата ги принудува семејствата да се преселат во поголемите урбани центри за да го продолжат образованието на своите деца, наведува весникот. Според истиот извор населението во земјата е намалено за околу 14,8 отсто или за околу 420 илјади жители меѓу двата пописа, од 2021 до 2023 година, но индиректните податоци покажуваат дека населението во руралните средини претрпе посилен пад поради двојната миграција во земјата и во странство.