Министерството за одбрана на Хрватска одби да прими на школување двајца кадети на Војската на Црна Гора на Хрватскиот воен универзитет.
Хрватска исто така одби да запише еден црногорски кандидат во Хрватското воено училиште.
- Министерството за одбрана донесе таква одлука, а за идната соработка во таа област ќе известиме кога ќе дојде време, изјавија за црногорскиот весник „Побједа“ од хрватското Министерство за одбрана.
Црна Гора преку својот воен претставник комуницирала со хрватското Министерство за одбрана и побарала прием на тројца припадници на Војската на Црна Гора во овие престижни воени школи, но добила негативен одговор.
Тоа е уште еден чекор што го направи Хрватска како одговор на усвојувањето на Резолуцијата за Јасеновац. Претходно, Загреб ги прогласи за „персона нон грата“ претседателот на Собранието Андрија Мандиќ, вицепремиерот Алекса Бечиќ и пратеникот од владејачката коалиција Милан Кнежевиќ.