За околу три евра поевтино ќе биде патувањето со автомобил меѓу Солун и Атина со намалувањето на цените на пет патарини во централна Грција, што вчера го соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Намалувањето на цените за 17 отсто за лесните возила и пет проценти за тешките, што ќе трае 15 месеци, ќе стапи во сила на 1 октомври, а ќе важи до крајот на 2025 година, е резултат на искористување на 15,8 милиони евра, што произлегле од рефинансирањето на договорот за концесија на конкретниот дел на автопатот.

Поконкретно за автомобилите, по промената на цените, за петте патарини до крајот на годинава, граѓаните ќе плаќаат 13,7 евра, наспроти 16,5 колку што е сега, а во 2025 година, цените ќе бидат за три евра пониски, односно од 17,4 на 14,4 евра.

Петте патарини се во централниот дел на Грција, во близина на градовите Катерини, Лариса, Волос и Ламија.

Грчкиот премиер објасни дека со намалувањето на каматните стапки од рефинансирањето на договорот за концесија на делот од автопатот, државата е со придобивка од нешто помалку од 16 милиони евра, по што решиле, конкретните средства, наместо да бидат вклучени во државниот буџет како вонреден приход, „да ги вратат на локалното население“.

- Сметаме дека е фер да можеме да ги вратиме парите во локалната заедница, но не само тоа, ова значи дека секој што ќе патува од Атина во Солун преку автопатот ќе ја има оваа придобивка. Нагласувам дека ова е од 1 октомври до 31 декември 2025 година, што во суштина го покрива периодот кога сметаме дека сè уште ќе има притисоци во однос на инфлацијата, дури и да се намалува, рече Мицотакис.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/09/2024 18:08