Специјалното обвинителство на Косово денеска до Основниот суд во Приштина – Специјално одделение, поднесе обвинение против лицата М.П и Ж. З, од српска националност, поради постоење сомнение дека сториле кривично дело воено злосторство против цивилното население во војната во 1998-99 година, јави дописникот на МИА од Приштина.

Обвинението ги товари дека за време на војната во Косово извршиле убиство, тортура, нехумано постапување, заплашување, уништување имот, масовна депортација и етничко чистење на албанското цивилно население во општина Исток.

Истрагите откриле дека во временскиот период релевантен за ова обвинение, имало два случаи на сексуално насилство врз жртви од албанска националност.

Исто така, се вели во обвинителниот акт, во текот на истрагите се докажало дека за време на војната во општина Исток се запалени околу пет илјади куќи, загинале околу 250 лица, од кои 19 деца и се нанесени многу други материјални штети.

Кривичниот предмет веќе е предаден на Специјалното одделение на Основниот суд во Приштина за понатамошна постапка.

Обвинетите се во притвор по решение на судија во претходна постапка до ново решение на судот



Автор: Администратор
Објавено на: 03/09/2024 18:55