Учесниците од Србија, Бугарија и Македонија, како и поголемиот број посетители на овој интересен настан, ги поздрави градоначалникот Зоран Заев, кој рече дека како и до сега, ќе им биде пријател на сите спортисти, спортски клубови и национални селекции, затоа што спортот во Македонија заслужува многу повеќе. -Во овој миг на свечено отворање на овој традиционален меѓународен спортски настан, морам да признаам дека ме обземаат измешани чувства. Кога срцето се радува, а душата тагува, тогаш е исклучително тешко да се изнајдат вистинските зборови за да се долови и сподели она што е најважно да се каже во ваква пригода. Од една страна, неизмерно сум среќен што една прекрасна спортска традиција доживува уште едно свое продолжение, и тоа по трет пат едно по друго, во мојата и нашата Струмица. Од друга страна неизмерно сум тажен поради тоа, што пред само неколку денови прерано не напушти главниот организатор на ова спортско натпреварување, големиот вљубеник во рели возбудувањата и еден од великаните на македонскиот авто-мото спорт, Димитрије Пеливанов. Драги пријатели, убеден сум дека „АМК џип рели спорт“ и овој октомвриски ден ќе го направат празник на адреналинот и празник за сите поклоници на авто-мото спортот, а дека Општина Струмица како генерален спонзор и поддрржувач на ова спортска манифестација, и овој пат, како и во претходните две изданија, ќе се покаже како извонреден домаќин. Истовремено сакам јавно да им изречам признание на луѓето од клубот „Стрит рејсинг“ од Струмица кои вложија максимални напори и помогнаа во организацијата на ова натпреварување. Бидете убедени дека јас, како голем и пасиониран љубител на авто-мото спортот ќе бидам и понатаму голем поддржувач на ова натпреварување како и на сите вакви слични спортски манифестации. Утре, задутре, каде и да сум, како и до сега, ќе им бидам пријател на сите спортисти, спортски клубови и национални селекции, затоа што спортот во Македонија заслужува многу, многу повеќе, затоа што вљубениците во спортот заслужуваат да бидат горди на македонскиот спорт, рече градоначалникот Заев.