Неколку видови на дрога, меѓу кои и таканаречениот розов кокаин „Туси“, открила и запленила грчката полиција во акција во два стана во Атина, при што уапсено е едно лице, а се трага по уште двајца, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од грчката полиција, претходела комбинирана истрага и обработка на информации и докази за три лица, двајца Грци на возраст од 30 и 33 години и еден 23-годишен странски државјани за трговија со различни видови наркотици на поширокото подрачје на областа Атика.
Во рамки на акцијата бил уапсен 30-годишниот, а биле откриени и запленети 875 грама „розов“ кокаин; три килограми и 242 грама кокаин; над 53 килограми канабис 875 грама кетамин; 545 грама метамфетамин; како и средства за пакување на дрогата, но и паричен износ од 127.215 евра.
Од грчката полиција посочија дека карактеристично за криминалната активност на групата е „гамата на дрога што ја нудеа на пазарот за да го покријат опсегот на побарувачка на нивните клиенти и тргувањето со таканаречениот розов кокаин „ТУСИ“, чија цена е висока“.
„Туси“ или розов кокаин е дрога што содржи мешавина од различни психоактивни супстанции, а најчесто се наоѓа во форма на прашок обоен во розова боја] Смесата се нарекува и „розов кокаин“, бидејќи вообичаено циркулира на нелегалниот пазар во форма на розов прав.
Студиите за проверка на дроги во Латинска Америка, од каде што веројатно потекнува дрогата, покажале дека „розовиот кокаин“ е мешавина од кетамин, кокаин, метамфетамин, кофеин, опиоиди и други нови психоактивни супстанции