Специјалното обвинителство на Косово поднесе обвинение против лицето Ш.Л., припадник на малцинската етничка заедница Горанци, под сомнение дека сторил кривично дело воено злосторство врз цивилно население во војната во Косово во 1998-99 година, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според соопштението на обвинителството, обвинетиот, како полицаец во Призрен, за време на војната во Косово, се сомничи дека извршил убиство, тортура, нехумано постапување врз цивилното население од албанска националност во Сува Река и Ораховец.
„Истрагите докажаа дека српските полициски сили прво ги уапсиле жртвите во регионот на Сува Река и Ораховец, а потоа ги испратиле во Полициската станица во Призрен. Таму обвинетиот ги испрашувал користејќи тортура и нехумано постапување. Од тортурата лицето Р.Ј. починало, додека други десет цивили се здобиле со тешки физички повреди и психички последици“, се наведува во соопштението.
На осомничениот му е одредена мерка притвор.