Претставниците на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ), го оценија упадот на косовските власти во српските институции на северот на државата како политички прогон на српскиот народ, бидејќи тие институции, како што велат, давале услуги на граѓаните, јави дописникот на МИА од Приштина.
Членот на Претседателството на СЛ, Игор Симиќ, на денешната вонредна прес-конференција рече дека претставниците на српските институции кои добиле покани за сослушување ќе одговорат на поканите и дека јасно и гласно ќе кажат дека работеле во корист на граѓани од сите националности и дека никогаш не фалсификувале документи, како што ги обвинуваат властите во Приштина.
Косовските власти потврдија дека ќе интервјуираат пет лица од петте српски паралелни институции, кои беа затворени на крајот на август, а сите петмина се од СЛ.
Симиќ рече дека оваа одлука е „прогон на српскиот народ“, бидејќи според него затворените институции им давале услуги на граѓаните.
„Не е прашање што утре ќе прават Игор Симиќ, Иван Запорожац, тукушто ќе прават луѓето на кои им служеа додека бевме на чело (на паралелните институции). Што се однесува до овие институции, косовските власти отсекогаш знаеле за нивното постоење. Не е ништо ново што овие институции постоеја во овој град и за нив се разговараше на меѓународно ниво, а во Брисел се преговараше како овие институции ќе функционираат во иднина“, рече Симиќ.
На 30 август, косовските власти затворија пет паралелни српски институции во северно Косово кои работеа според српскиот систем.
Според државните претставници на Косово, тие институции ги прекршиле Уставот и законите на Република Косово.
Институциите затворени на 30 август се: Округот Косовска Митровица, паралелната општина Митровица, паралелната општина Звечан, паралелната општина Зубин Поток и паралелната општина Лепосавиќ.
Симиќ рече дека овие институции давале правни услуги за сите граѓани и „не прекршиле ниту еден закон“.
На денешната прес-конференција, Симиќ, кој претходно беше пратеник на СЛ во Собранието на Косово, зборуваше и за прашањето за отворање за сообраќај на возила на главниот мост на реката Ибар, кој го дел градот Митровица на јужен дел, населен со мнозинство Албанци и северен, со српско мнозинство.
Владата на Косово изрази намера овој мост да се отвори, но наиде на противење од меѓународниците кои тврдат дека од безбедносни причини мостот не треба да се отвора сега.
Симиќ рече дека ова е моментот „меѓународната заедница да го покаже своето лице“.
„Ќе видиме дали ќе направат нешто“, додаде тој.
САД, ЕУ, Франција, Велика Британија и Германија ја критикуваа акцијата на косовската полиција за затворање на српските институции. Западот го опиша ова како еднострана акција на косовските институции.
Во Косово постојат општини, компании и јавни претпријатија, градинки, основни и средни училишта и јавни универзитети кои се директно финансирани од Владата на Србија, а кои се наоѓаат во градовите и населените места каде живее српската заедница.
Според законите на Косово, овие институции се нелегални.
Во 2013 година Косово и Србија во дијалогот за нормализација на односите во Брисел постигнаа договор за укинување на паралелните институции, но овој договор сè уште не е целосно спроведен, пишува Радио Слободна Европа