По трите концерти на отворањето на сезоната на Симфонискиот оркестар на Дизелдорф, каде под диригентската палка на британскиот маестро Алпеш Чауан учествува во изведбата на Концертот за пијано и оркестар број 2 од Рахманинов, познатиот македонски пијанист Симон Трпчески се враќа дома за уште еден настап со интернационалниот музички проект „МАКЕДОНИСИМО“, информира Здружението за култура и уметност „КултурОп“.

По струшкото село Збажди, Скопје, Штип, Битола и село Секирник, Босилово, Струмица, Трпчески и пријателите и пред публиката во Делчево ќе го изведат албумот „МАКЕДОНИСИМО“ што во издание на британската етикета „Лин Рекордс“ го обиколи светот. Тоа е проект во чии рамки на оригинален начин се обработува македонската народна музика од страна на нашиот композитор Панде Шахов, кој, како што вели Трпчески, „со својот посебен музички јазик ја обои на многу поинаков начин, испреплетувајќи со нашата традиционална музика различни музички стилови“.

Уникатниот тим на „МАКЕДОНИСИМО КВИНТЕТОТ“ и на овој концерт, што ќе се одржи на летната сцена во Градскиот парк во Делчево, вечер со почеток во 20 часот, го сочинуваат и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело; на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов, а зад удиралките е Влатко Нушев, кој е роден токму во Делчево.

Концертот, во организација на Општина Делчево во соработка со „КултурОп“, се одржува во чест на 80-годишнината од ослободувањето на градот и како и сите досегашни изведби на отворено, публиката ќе може да го проследи бесплатно.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/09/2024 17:27