Блокадата што вчера беше поставена за државјани со документи на Република Косово на граничниот премин Јариње, од српската страна на границата меѓу двете земји, утрово е укината, јави дописникот на МИА од Приштина.
Веста во изјава за медиумите ја потврди заменик директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Ељшани, кој информира дека сообраќајот во таа област се одвива без проблеми.
Ељшани рече дека ситуацијата таму е мирна и дека нема пријавен инцидент.
Останатите два гранични премини, Брњак и Мердаре и натаму се затворени.
Од Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово синоќа соопштија дека овие гранични премини ќе останат затворени до заминување на маскираните лица на српската страна на границата.
Блокадата на граничните премини меѓу Косово и Србија ја најави таканаречениот „Советот за блокади на Србија“, откако на косовскиот север, население со мнозинско српско население, косовските власти затворија пет институции на паралелни српски структури.