Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ Делчево, со јубилеен концерт и положување на свежо цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев го одбележа своето 50-годишно постоење на друштвото.

На манифестацијата, градоначалникот на Делчево Горан Трајковски му додели благодарница на кореографот Зенил Реџепов, како долгогодишен раководител на групата за неговата неуморна работа за опстанок на друштвото.

– Со вечерашниот концерт сакаме уште еднаш да покажеме заедништво и дека Делчево е град на толеранција и емпатија. Ве покануваме да бидете дел од 50 годишниот јубилеј на КУД „Гоце Делчев“ Делчево и 80 години слободно Делчево, истакна Реџепов.

Во рамки на концертот кој ќе се одржи на Летната сцена во Делчево свој настап ќе имаат повеќе групи од земјава и странство.

– Со големо срце ќе настапат членовите на ансамблот, а наши гости ќе бидат фолклорните групи и ансамбли „Каблови“ од Јагодина, Република Србија, „Атанас Манчев“ од Бургас, Република Бугарија, „Тернипе МК“ Делчево и други, додаде Реџепов.

Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев" Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ денес брои 202 члена и претставува ансамбл што манифестира висококреативно ниво и негува врвен артизам во сферата на музичкото поле. Многубројни се наградите и признанијата што ансамблот ги има добиено на домашните и интернационалните фолклорни сцени, каде има одржано над 1000 концерти во повеќе држави во Европа и светот.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/09/2024 05:28